Формирање на посебен тим и отворена линија каде граѓаните ќе може да пријават корупција во институциите, најави Мицкоски

mickoski

Формирање на посебен тим и отворена линија, каде граѓаните ќе може да пријават доколку во некои од институциите им е побарано мито или некој свесно го одолговлекува она што по закон и процедура им припаѓа, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Како што појасни, по пријавата од граѓаните, истражните органи ќе ги контактираат и сите тие „девијантни однесувања во рамките на институциите ќе се намалат, а сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.

Мицкоски порача дека не треба да се прави естрада од криминалот, зошто не е ништо посебно ако државата го спроведува редот и законите, но дека врз основа на информациите што го добива како прв човек на Владата, институциите полека, но сигурно влегуваат во трага на „она што е работено во изминатите седум години“.

Перцепцијата денес, нагласи Мицкоски, е дека сме криминална држава и затоа оваа борба „од септември само ќе биде засилена“ и ќе трае се додека оние за кои постојат цврсти докази дека сториле криминал ќе бидат соочени со лицето на правдата.

– Верувам во пресумпцијата на невиност и никој не е виновен додека не биде докажано спротивното, но за сите оние за кои постојат основани сомневања за сторен криминал и цврсти докази, сите тие ќе бидат спроведени и тука нема политичка партија, изјави Мицкоски на гостување на телевизија Алфа.

Посочи дека ова се однесува за сите избрани и именувани лица, без разлика дали се од претходната или од оваа влада доколку се огрешиле пред законот.

– Многу случаи и досиеја во моментов се анализираат и тоа се на поранешни вршители на високи функции. Но, да се разбереме, ова не треба да биде перцепирано како политичка хајка и тоа ќе важи и за оние сега именувани, од оваа влада. Ако се погрешат пред законот, јас гарантирам кој и да е ќе одговара. Ако било кој од нив биде пријавен и постои основано сомневање, да знаете дека ќе биде без милосрдно, порача Мицкоски.

Во однос на најавите за можна дестабилизација на земјата наесен, Мицкоски, рече дека луѓето што изминатите седум години ја претвориле државата во „своина и мислеле дека се незаменливи и вечни“ ќе бараат маргинализирани групи кои за пари ќе ги мотивираат да дестабилизираат.

– Ќе се обидат преку етнички тензии тоа да го направат, бидејќи немаат друг начин. Не можат да магнетизираат луѓе, затоа што дури и нивните поддржувачи од минатото сега не ги поддржуваат. Во отсуство на долготрајни масовни протести, бидејќи за нив парите не се проблем, ќе бараат маргинализирани групи што со пари ќе ги мотивираат да дестабилизираат. Тоа им е единствен простор, изјави Мицкоски.

Тие, според Мицкоски, сакаат да бидеме генератор на нестабилност и затоа, како што нагласи „не смееме да дозволиме тоа да се случи и да наседнеме на тие провокации“.

– Ние не можеме сите тие провокации да ги спречиме. Тие ќе се случуваат, и важно е ние како ќе реагираме… Затоа ние не смееме да дозволиме тоа да се случи и за ова работиме сериозно со сите наши партнери од меѓународната заедница, изјави Мицкоски.

Во однос на најавените реформи во правосудниот систем, Мицкоски, рече дека додека даваат време за експертски предлози, може да исчезне трпението на јавноста и „ние да бидеме жртвата, поради неуспехот на другите“, нагласувајќи дека тоа нема да го дозволат.

– Немаме намера да ги распуштиме Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за да ги замениме со други. Нашата цел со таа реформа беше да ги распуштиме овие тела и наместо предлозите од владата, од парламентот, од претседателот, предлозите за нови членови да дојдат од самите судии и обвинители. Нашата желба е тие на гласање самите да си ги изберат. Нашата идеја е ние како Влада да одредиме процент од буџет, а тие самите да си го трошат, но не без надзор. Тоа ќе го прави собраниска комисија, па да видиме како се трошат народните пари, изјави Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави