Францускиот суд му го продолжи притворот на основачот на Телеграм, Павел Дуров, кој во саботата беше уапсен на аеродромот во Париз поради наводни прекршувања поврзани со апликацијата Телеграм.
Истражниот судија кој го води случајот во неделата му го продолжи притворот на Дуров (39), а може да трае најмногу 96 часа, изјави извор близок до истрагата, пренесува Гардијан. Кога ќе заврши таа фаза на притвор, судијата може да одлучи да го ослободи Дуров или да поднесе тужба и да одреди натамошен притвор.
Дуров беше приведен во саботата вечерта на аеродромот „Бурж“ во Париз, веднаш по излегувањето од приватниот авион со кој летал од Азербејџан. Како што беше претходно објавено, тој беше уапсен по налог поврзан со прекршувања од популарната апликација за пораки.
Истрагата, наводно, е за недостиг на уредување на содржината, а според локалните медиуми, француското правосудство смета дека Дуров е вклучен во бројни кривични дела и може да се соочи со обвиненија за тероризам, трговија со дрога, измама и перење пари.
Телеграм во соопштението рече дека неговата модерација е во рамките на индустриските стандарди и постојано се подобрува. Руската амбасада во Париз побара од француските власти да ги објаснат причините за приведувањето на Дуров, наведувајќи дека тие досега одбивале да соработуваат по ова прашање, пренесоа руските медиуми.
Дуров ја напушти Русија во 2014 година, откако одби да ги исполни барањата на Кремљ за затворање на опозициските групи на социјалната мрежа ВК што ја основаше кога имаше 22 години. Тој ја напушти ВК по спор со сопствениците и се фокусираше на Телеграм, апликација што ја основаше со неговиот брат Николај во 2013 година.
Апликацијата Телеграм во моментов има 950 милиони активни корисници и стана главен извор на информации за војната во Украина, наведува Гардијан.