Владата претстави тригодишен план од својата реформската агенда за продолжување на евроинтегративниот процес.
Според планот, предвидени се 4 столба за унапредување и развој особено на економијата. Според формулата за распределба на европските пари за овој процес на македонската влада ќе и припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027г.
„Овие средства ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи. Или со други зборови, а со заокружени бројки, 250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, додека 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти.
Конкретно, ќе работиме на зајакнување на јавната внатрешна финансиска контрола, зајакнување на системот за јавни набавки, декарбонизација и обновливи извори на енергија, (соларна и ветерници), усвојување на систем за трговија со емисии на гас, енергетска ефикасност и справување со загадувањето на воздухот. Тука спаѓа и развојот на образованието и вештини преку реформи на средното стручно образование, како и реформа на државните и јавните претпријатија, особено во поштенскиот и железничкиот сообраќај, вклучително и воведување на интелигентен транспортен систем, зголемување на е-услугите во царинското работење, подобрување на деловната средина преку зајакнување на инспекторатите и зголемување на инспекциските надзори, поддршка за работа на малите и средни претпријатија. Во делот на Владеење на правото – развој на демократијата преку реформа на изборното законодавство, зајакнување на независноста, квалитетот и интегритетот на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, донесување на нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка согласно стандардите на ЕУ и други приоритети кои во интерес на времето не би ги набројувал детално“ образложи министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Премиерот Мицкоски рече дека веќе консултирале експерти и се разгледуваат неколку модели и за реформите во судскиот совет.
„Владата е целосно посветена на реализација на нашата стратешка цел за интеграција во Европската Унија. Во овој процес, не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на Унијата, туку и како модерна, економски стабилна и просперитетна држава која ги исполнува највисоките европски стандарди“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека овој план, кој е инициран од Европската комисија, има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и Европската Унија, нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство.
Во однос на вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, премиерот Мицкоски рече дека Владата е за изнаоѓање на решение со официјална Софија, но порача дека за тоа е потребен стабилен партнер од другата страна.