Општина Крива Паланка ги повика жителите на градот во пресрет на претстојните празници да не ги користат своите возила, освен за неопходни потреби, отстапувајќи простор за гостите и посетителите на градот.
-Поради големиот број гости и посетители што се очекува да дојдат во градот од соседните општини и регионот за време на големиот концерт и празнувањата во градот на 28 и 29 август, упатуваме апел паланчани да ги остават дома моторните возила и доколку не е неопходно, во овие денови да не ги користат освен за важни потреби. Да бидеме добри домаќини за да отстапиме паркинг места за очекуваните гости, се наведува во повикот од општината.
Оттаму посочуваат сите останати гости и туристи на Крива Паланка да ги следат ознаките и насоките за паркирање на редарските служби.
-Со цел да се осигураат безбедноста, пристапот и комфорот на сите учесници и посетители за време на претстојните празници, фестивали и манифестации, Општина Крива Паланка информира дека се предвидени дополнителни мерки за управување со сообраќајот и паркирањето сѐ до 29 август 2024. Обезбедени се и означени дополнителни паркинг зони во близина на централното градско подрачје. Обезбедени и активирани се редарска и паркинг служба, на сите назначени паркинг места ќе бидат ангажирани редари кои ќе ја пружаат потребната помош при паркирање на возилата и ќе се грижат за безбедноста на посетителите, додаваат од Општина Крива Паланка.
Утре Општината го празнува празникот на градот, Успение на Пресвета Богородица, а во четврток денот на патронот светец, закрилник на градот, Свети Јоаким Осоговски, што ќе се прославуваат и чествуваат во храмовите на Македонската православна црква во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски”, а утревечер по повод празникот на градот, Општината организира и голем концерт на кој ќе настапат Давид Темелков, Брас брадрс и Северина.
Во тој контекст, Општината обезбеди шест зони за бесплатно паркирање – зад петте згради кај населба Единство, кај градскиот пазар, просторот кај автобуска станица, кај Спортски комплекс, реон на мотел „Македонија” и тротоарска површина покрај магистралата А2.