Поранешниот заменик директор на УЈП, Исмет Гури, за кого беше распишана меѓународна потерница, сам се пријавил во полиција и веќе е во затвор, дознава ТВ21.
Гури беше во затворскиот притвор, а потоа му беше одреден домашен притвор поради здравствени проблеми. Минатата година беше уапсен заедно со 15 лица меѓу кои и бизнисмени и инспектори од Управата за јавни приходи, под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама.
Против Гури беше распишана меѓународна потерница од МВР поради тоа што избега од куќен притвор на почетокот од оваа година. Гури не бил пронајден на адресата на која требало да издржува куќен притвор. Бегството се случило откако Обвинителството по жалба побарало куќниот притвор да му се преиначи во ефективен притвор во Шутка, по што му бил доделен, но кога полицијата отишла да го спроведе, него го немало.
Против Исмет Гури, заедно со Ејуп Алими, се водеше и случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал, во кој Судот по повтореното судење минатата година им изрече неправосилни затворски казни од по три години и шест месеци.
Обвинението за „Титаник 3“ беше отворено во 2017 година од поранешното СЈО. Тие се товареа за делото уништување изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир. Гури беше истакнат активист на ДУИ, а по одделувањето на Изет Меџити се придружи на Демократско движење.