Инспекторот од Ресен што беше приведен во Косово за шверцување на фалсификувани монети од по 2 евра, бил вработен во МВР без безбедносен сертификат, односно надвор од законските процедури, објави „Радио Слободна Европа“.
За него Внатрешната контрола во МВР отворила предмет за начинот на кој бил вработен. За инспекторот немало вообичаени безбедносни контроли од страна на Агенцијата за национална безбедност. Тој е во притвор во Косово поради сомнеж дека изработил 2 милиони лажни монети што требало да завршат во оптек во Косово.
„Во тек се проверки по наводи во поднесеното барање и други наводи од надлежност на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, се вели во кусиот одговор од МВР за Радио Слободна Европа.
Според Законот за полиција, полициски службеник може да биде само оној за кој со безбедносна проверка е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на лицето.
Специјални машини за производство на лажни монети од 2 евра, специјални материјали за нивна изработка, калапи, како и готови и полуготови монети е пленот на македонското и косовското обвинителство во координирана операција на Европол за сузбивање на она што со месеци е познато дека се случува: Луѓе од Македонија произведуваат фалсификувани евромонети, ги товарат во ќеси во гепек за монетите без никаква реална вредност да ги одвезат во Косово, односно таму да ги пуштат во промет.
Но, бил ли 34-годишниот Ш.Д. од Ресен „главата“ на операцијата? Тој работел во МВР, а кариерата од близок соработник на поранешен началник за гонење организиран криминал ја паузира во притвор во Косово, откако беше уапсен во акцијата како осомничен за производство и пуштање во оптек стотици илјади фалсификувани метални евромонети во Косово. Канцеларијата на Еуроџаст (European Union Agency for Criminal Justice) информира дека службеникот на МВР е осомничен за производство на 2 милиони лажни монети од по 2 евра (вкупно 4 милиони евра), коишто требало да бидат пуштени во промет во Косово. Внатрешната контрола на МВР испитува има ли и други вработени во МВР што се занимавале со овој „бизнис“.
На 4 август годинава, во исто време биле пребарувани неколку локации во земјава, по што биле пронајдени машини за производство на фалсификуваните монети во Скопје, илјадници произведени монети, прстени и празни шаблони. Властите биле известени за активностите на осомничениот преку координирани разузнавачки напори, извести Еуропол.
проверите дизајнот на предната и задната страна на монетата и нејзиниот раб.
Дизајнот на фалсификуваните монети често изгледа нејасен, со многу испакнатини и гребнатини и нивната форма е неправилна. Натписите на рабовите на оригиналните евромонети се остри, за полесно препознавање од лицата со оштетен вид, додека на фалсификуваните се нејасни и непрепознатливи, а различно е и растојанието помеѓу поединечните симболи и зборови, се вели во известувањето. Преку употреба на магнет наведуваат дека е релативно лесно и едноставно да се идентификува фалсификувана монета.
Централниот дел на монетите е изработен од посебен безбедносен материјал кој има слаби магнетни својства, додека надворешниот прстен нема магнетни својства. За разлика од оригиналните, фалсификуваните монети имаат силни магнетни својства или воопшто немаат – се вели во соопштението на Народната банка.
Последната операција во која е осомничен 34-годишниот вработен во МВР, во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможиле оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за успешна реализација. Инаку, Македонија и Косово не се единствените земји во кои се сретнуваат лажни евромонети. И шпанскатата полиција има откриено кинеска група што ги произведувала.