Договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од типот AW149 и AW169M за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, во име на владите на двете земји беше потпишан во март, годинава, од страна на тогашната министерка за одбрана Славјанка Петровска и нејзиниот италијански колега Гуидо Кросето.
Тогаш како опозиција реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови доаѓа актуелниот министер за одбрана, а нивните критики беа дека набавката се прави во предизборен период и затоа треба да се стопира и да се остави за тоа да одлучува идната влада.
Министерството за одбрана ќе продолжи со реализација на договорот за набавка на осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“ што го склучи претходната влада предводена од СДСМ, изјави денеска ресорниот министер Владо Мисајловски. Според него, станува збор за договор кој чини премногу, но, како што додаде, ќе продолжат да го спроведуваат.
Тој рече дека денеска ќе имаат состанок на управна група на која, како што кажа, ќе се разгледуваат две точки – буџетот и програмските цели за наредната година.
„Тука се целите што НАТО ги задава како наша обврска, но исто така да ги разгледаме и сите потребни наши чекори како да обезбедиме средства за дополнителни финансии. Имаме потпишан договор кој чини навистина премногу со ’Леонардо’ за пристигнување на осум хеликоптери. Вчера имавме еден состанок со амбасадорот и со новиот аташе и стариот кој замина, разговаравме за повеќе работи, сега треба да се формираат дополнителни тимови коишто ќе започнат со оваа постапка за да се почитува договорот“,рече Мисајловски.
Министерот потсети дека во врска со набавката на хеликоптерите беше поднесена претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), за која, како што рече, сè уште немаат добиено информација.
„Ако може да ја искористам оваа можност да повикам да се разгледа повторно таа претставка и да стигне до нас бидејќи сакаме да знаеме што се случувало во минатото“,рече министерот.
Сепак, како што додаде, она што е склучено со договор мора да продолжат да го работат, а тоа е, како што кажа, една огромна набавка од преку 300 милиони евра за нови осум хеликоптери.
Првиот, според министерот, треба да пристигне во 2026 година, а преостанатите сукцесивно во текот на наредните години.
„Мене ми е навистина жал што во овој момент ги немаме хеликоптерите бидејќи знаете што се случува во Македонија (со пожарите н.з.) и навистина ни се потребни, но така одат овие набавки што се склучени држава со држава и за сè она што ќе се случува јас сакам максимално транспарентно да ви ги објаснувам сите тендери, она што, се разбира, не е строго доверливо, да бидете во тек и начинот на пристигнување, каква опрема ќе има бидејќи самите хеликоптери ќе имаат дополнителна инсталација за потреба од пожари, така што е важно час поскоро да ги имаме тие хеликоптери“рече министерот за одбрана.
Тој додаде дека земјава има склучено договори и со Соединетите Американски Држави и со Франција за набавка на опрема.
„Така што е веќе потпишано ќе го работиме, ќе го исплаќаме. Тоа се огромни средства за Министерството за одбрана, но ние ќе правиме сè од себе да се зголемува буџетот, се разбира оваа година ќе програмираме да биде и над 2,15 отсто согласно бруто-домашниот производ (БДП). Денеска ќе го имаме тој состанок, програмираме над 2,30 проценти да биде зголемен буџетот, ќе видиме што ќе се случува. Се разбира, последниот збор ќе го има Министерството за финансии“ рече Мисајловски.