Интегрален текст од изјава за медиуми на Венко Филипче, претседател на СДСМ:
Денес сум тука во поддршка на наставниците и просветните работници кои дојдоа да испратат порака на незадоволство од одлукатa на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине политиката на раст на плати.
Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покачени плати и би рекол понижени и запоставени од Владата.
Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ни ги учат и воспитуваат децата.
Оправдувањата дека нема пари во буџетот се неприфатливи.
Ако СДСМ беше на власт ќе имаше пари и за покачување на плати и за почитување на сите колективни договори.
Никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12%. Гледаме дека има пари за нови четири министерства и цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари измислување на нови директорски места во царина и така натаму.
Буџетот има пари, но платите не се приоритет. Ако имаше средства во времето на СДСМ, и тоа во најголемите светски кризи, здравствена, економска, енергетска како нема пари овој септември за да се покачат платите на просветните работници.
Овој собир пред почетокот на учебната година е алармирање на власта за погрешните политики во образованието.
Апелирам Владата да се соземе и сфати дека без редовно покачување на платите, во услови кога цените растат и тие не ги контролираат како тоа што го правеше СДСМ, животниот стандард ќе паѓа.
Економијата нема да расте како што најавуваат и ќе создадат се потежок живот за граѓаните и работниците.