Венко Филипче, претседателот на СДСМ денеска побара од премиерот да му ги даде информациите на Јавното обвинителство кој бил тој што му нудел мито за пругата кон Бугарија и ако не го стори тоа се претвора со соучесник.
Филипче изјави дека е крајно несериозно различни функционери да даваат различни изјави по однос на овој проект кој е НАТО коридор и од стратешко значење за државата.
Тој рече дека зачудува што за наводното мито понудено на премиерот, ниедна друга институција која треба да спроведе истрага нема информација.
„Тоа што го изјавува премиерот е многу сериозно. Но, зачудува што ниту една друга институција нема информација. ОЈО да отвори постапка и премиерот во таа постапка да ги каже сите информации. Ако тоа не се случи тоа е соучество на Мицкоски“, рече Филипче.
Според него, однесувањето на Мицкоски преку прес-конференции води партиски ПР наместо да ги докажува своите сериозни обвинувања преку институциите.
„Го осудувам тој пристап на употреба на говорница и ПР пораки за сериозни работи и обвинувања. Со ова Мицкоски докажува дека единствено што прави е политизирање и манипулација, неместо сериозна истрага и докази. Дополнително, станува збор за проект во кој заем дава ЕУ. Значи, и тие институции нѐ мониторираат апропо ова прашање. Така што, треба Обвинителството да отвори постапка и да се расчисти тоа до крај“, нагласи Филипче.