Во контекст на посветеноста на менаментот за подобрување на услугите и ефикасноста на Агенцијата за катастар на недвижности, директор Иван Живковски ги презентираше најновите иницијативи и мерки за модернизација на институцијата. Се работи на решавање на заостанатите предмети и подобрување на достапноста на услугите за граѓаните и правните лица.
„По преземањето на функцијата затекнавме над 5000 незавршени предмети. Голем дел од нив се веќе решени, а очекувам останатите да бидат завршени до средината на септември, кога ќе имаме нула заостанати предмети,“ изјави Живковски во вчерашното гостување на Македонската телевизија. Тој истакна дека тимот работи и прекувремено за да ги постигне овие цели.
Живковски нагласи дека обезбедувањето на подобра услуга за граѓаните и правните лица е приоритет на агенцијата. Во таа насока, тој потсети на драстичното намалување на цените на услугите кое го најави пред десетина дена, кое наскоро треба да стапи на сила. Оваа мерка ќе овозможи граѓаните и бизнисите полесно и поевтино да пристапат до потребните услуги.
Тој најави дека наскоро сите услуги на агенцијата, вклучително и оние кои досега не беа достапни по електронски пат, ќе бидат достапни со еден клик.
Говорејќи за работењето на неговите претходници, Живковски посочи дека е забележано работење кое не е во согласност со законите, но за тоа треба да постапуваат надлежните институции.
„Учиме од бизнис секторот. Со обуки и награди за вработените, целиме да ја намалиме корупцијата и да обезбедиме поквалитетни услуги за бизнисот и граѓаните,“ заклучи Живковски.