Интегрален текст од соопштение на Левица:
Во 2022 година од страна на МОН и БРО беше одобрен Букварот на албански јазик. Станува збор за заеднички буквар на Албанија и Косово, изготвен од тимот автори: Мимоза Ѓокутај, Саранда Кумнова, Насер Забели и Тереза Бабасули, од кои двајца се од Косово, двајца од Албанија, а ниту еден од Македонија, што е и логично, бидејќи букварот е резултат на соработката меѓу министерствата за образование на Албанија и министерството за образование на Косово.
Тоа што не беше јасно тогаш – како и зошто се случил преседан да се преземе странски учебник во редовна настава која мора да биде унифицирана за сите ученици во државата, без оглед на наставниот јазик, не е одговорено ниту денес, кога спорниот учебник е веќе пуштен во употреба, како што утрово на социјалните мрежи се пофали министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој им го дистрибуирал Букварот на албански јазик на првоодделенците во ОУ „Лирија” во општина Чаир.
Намерите на ВРЕДИ се јасни: политичка промоција и постепена операционализација на големоалбанските идеи преку сегрегација и индоктринација на децата уште од најмала возраст.
Јасно е и дека власта предводена од ВМРО- ДПМНЕ дозволува да се девастираат сите институции, да се реализираат големоалбански идеи во државните училишта за државни пари, само за да се биде на власт од лукративни причини.