За една недела околу 25 лица се јавиле на Инфективното одделение во Кумановската болница, поради труење со храна. Лекарите велат дека и во двата случаи симптомите се јавиле многу брзо, се манифестирале со дијареја која нагло започнала, но се завршило без компликации и сериозни последици.
Oколу 25 лица се затруле со храна на две прослави во Куманово.
Првите случаи биле пријавени минатата недела од еден угостителски објект, додека вчера се работело за труење на организирана прослава.
„За настанот од вчера се работи за труење на домашна прослава, во прашање се 9- 10 лица со клиничка слика на интензивна дијареа. Сите се амбулантски третирани со рехидрирање, во стабилна состојба пуштени на домашно лекување. Со слична клиничка слика во текот на минатата недела, но во ресторан се има случено труење во малку поголем број, се работи за 13-14 лица кои се исто рехидрирани и во стабилна состојба пуштени на домашно лекување. Во текот, на неделата од ресторанот се имаат јавено уште еден или двајца пациенти“, истакна специјалист д-р Стефан Трајановски, директор на Општа болница Куманово.
На Инфективниот оддел и од двата настана нема задржано лице на хоспитално лекување.
Според мислењето на надлежните симптомите покажуваат дека најверојатно се работи за ист предизвикувач. Во тек е постапка за точно дијагностицирање и детектирање на изворот и причинителот на заразата.
Лекарите предупредуваат дека во текот на летниот период храната треба соодветно да се чува и складира, строго да се внимава на лична хигиена, што подразбира редовно миење на раце и чист простор каде се подготвува и чува.
Надлежните тврдат дека ако хранат, во тек на само два часа не се чува на соодветна тепература може да се развијат патогени кои ќе ја затрујат.