Нема да дозволиме да страдаат здравствените услуги на граѓаните и најдоцна за 10-тина дена ќе го објавиме планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи. Можам да им гарантирам на граѓаните дека во критичните подрачја – квалитет на здравствени услуги и достапност на лекови нема да има проблеми, порача в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски и додаде дека очекува новата позитивна листа да биде функционална до 16 септември.
Нагласи дека мандатот во ФЗО му е антикорупциски, за подобрување и проширување на здравствените услуги и за подобрување на условите за работа.
-Првиот чекор за подобрување на здравствените услуги го направивме со позитивната листа која не беше обновена од 2014 година и само еден лек и беше додаден. Сега одобривме девет генерики кои можат да водат до 56 бренд лекови. Јавниот оглас е во тек, пријавени се Алкалоид, Крка, Белупо и други фирми како можни добавувачи. Очекуваме до 16 септември новите лекови да бидат достапни во системот и во аптеките и матичните доктори да можат да почнат да ги издаваат и да се користат, изјави Клековски по денешната средба со новинарите во ФЗО.
Порача дека во изминатите два месеци во ФЗО работеле на идентификација на сите проблеми и оствариле комуникација со сите чинители – Здружение на пациенти, Здружение на болници, синдикати,… и дека се во завршна фаза на планирањето за натамошниот период.
-Многу брзо ќе информираме што планираме до крајот на годинава и што планираме во 2025 и во 2026 година, бидејќи дел од проблемите ќе мора да се решаваат на подолги стази. Приоритет е Онкологија каде мора да има подобри здравствени услуги за болните и мора да се растовари. Тоа не значи веднаш ставање во функција на сите регионалните центри, но некои од нив многу брзо ќе бидат ставени во функција. Растоварувањето може да биде и на други начини и работиме тој дел да биде обезбеден, рече Клековски.