Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека во следните 20 дена ќе се знае одлуката за евентуално враќање на задолжителниот воен рок.
„Денеска водиме завршни дискусии за евентуално отслужување на воениот рок. Очекувајте ја нашата одлука во следните 20 дена, што веќе ќе се види на расправата за буџетот. Кога ќе се направи ребалансот на 1, 5 или 10 октомври, сѐ ќе се знае “, изјави Вучиќ за новинарите при обиколката на работите на патот Шабац-Лозница.
Зборувајќи за единицата на српската армија лоцирана во Лозница и воената вежба што ќе се одржи денеска, Вучиќ рече дека е изградена само половина од специјалната пешадиска единица, но дека ќе има и оклопен вод и некои други единици.
„Оние кои секогаш можат да интервенираат и да го добијат првиот удар се блиску до потенцијалните насоки на напад на агресор. Ќе видиме како ќе изгледа вежбата во Гучево. 4.000 австриски и српски војници од Првата светска војна се закопани во близина на местото каде што се одржува вежбата“, рече Вучиќ.
Тој рече дека денеска ќе разговара со германскиот канцелар Олаф Шолц за, како што рече, темите за кои разговарале минатиот пат, но и за регионални теми.
„Тоа е многу важен разговор за нас. Задоволен сум што можам да разговарам за тоа и ќе имам одвоено време за тој разговор, а потоа ќе побрзам за Гучево“, рече Вучиќ.