Македонија се повеќе се позиционира како транзитна земја за работници од Непал, кои ја користат како одскочна даска за влез во Европската унија. Иако многу од нив се привремено ангажирани во македонските компании, ситуацијата станува алармантна со секојдневните извештаи за исчезнати работници од Непал.
Полициските извештаи често објавуваат пријави за исчезнати работници од Непал, кои заминуваат без трага и ги остават своите работодавци во проблеми. Според информациите добиени од упатени извори, не постојат податоци дека било кој од исчезнатите работници бил пронајден.
Дополнително, многу од нив заминуваат без да ги земат своите лични документи, вклучувајќи ги и пасошите.
Овој проблем создава сериозни предизвици за македонските компании, кои вложуваат значителни средства во обука и интеграција на работниците. Исчезнувањето на работниците не само што ја нарушува работната дисциплина и продуктивноста, туку предизвикува и значителни оперативни и финансиски проблеми.
Со зголемувањето на бројот на исчезнати лица, македонските власти се соочуваат со потребата од подобрени механизми за следење и регулирање на миграцијата. Потребна е зголемена соработка со земјите од кои доаѓаат работниците и подобрување на условите за работа во Македонија, за да се спречат злоупотребите и да се осигураат правата на работниците.
Оваа ситуација исто така нагласува важноста на ажурирање на миграциските политики и воведување на мерки за заштита и поддршка на работниците, со цел да се постигне стабилност и ефикасност на македонскиот пазар на труд.
Сепак ваквата состојба најмногу ги погодува работодавците кои трпат двојни загуби бидејќи ем плаќаат за работници а ем местата им остануваат непополнети, а сега за сега како што се чини, нема инструмент во системот кој би ги заштитил.