Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес ја објави оваа значајна мерка која треба значително да помогне во заштита на здравјето на најмладите, како и во создавање на здрави еколошки навики кај нив.
-Денеска со задоволство сакам да објавам уште еден значаен чекор во насока на обезбедување подобри услови за нашите најмлади жители, учениците. Имено, во сите основни училишта на територија на нашата општина, сите 230 училници ќе бидат опремени со пречистувачи на воздух, со што ги потврдуваме нашите цврсти заложби за заштита на здравјето на идните генерации, како и создавање на здрави еколошки навики кај нив.
Овој процес го започнавме летово со поставување на пречистувачи во ООУ “Невена Георгиева Дуња”, денеска ги поставуваме во ПОУ “Кузман Јосифовски Питу”, а во наредниот период, сите училници во сите основни училишта во општина Кисела Вода, ќе добијат пречистувачи на воздух.
Свесни сме за проблемот со загадувањето на воздухот, особено во зимскиот период, кога концентрацијата на штетни честички е на екстремно високо ниво. Пречистувачите на воздух ќе помогнат во значително намалување на штетните честички во просториите каде што децата поминуваат голем дел од своето време. Со ова, ние осигуруваме дека тие учат и растат во средина која е безбедна и здрава, што е основа за нивниот целокупен развој. Наша должност е да ги заштитиме најмладите и да создадеме услови во кои ќе можат безгрижно да учат и се развиваат.
Ова е уште чекор кон создавање поздрава и побезбедна средина, каде нашите деца ќе можат непречено да го следат своето образование и да растат во услови што го штитат нивното здравје. Ќе потсетам дека поставивме мерна станица во парцелата на Цементарница УСЈЕ. Претходно ја ставивме во функција мерната станица кај Домот на култура “Билјана Беличанец”, секоја година по неколку пати организираме масовни акции за пошумување, доделуваме субвенции за набавка на пелети како еколошки енергенс, интензивно работиме на имплементација на проекти за енергетска ефикасност. Во Буџетот за 2024 година предвидовме средства и за набавка на фотоволтаици. Воедно, покрај тоа што обезбедивме пречистувачи на воздухот за сите училишта. Наскоро ќе поставиме и пречистувачи на воздух и во поголемите паркови на територија на Општина Кисела Вода-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.