Институтот за јавно здравје потврди нов, втор случај годинава, на морбили кај дванаесетгодишно дете од Долно Коњари, Општина Петровец. Детето добило симптоми по престој во Србија, во подрачје каде што има заразени со мали сипаници. Дома се вратило на 31 август, а семејството побарало помош на Инфективната клиника три дена подоцна.
„На трети септември од Инфективната клиника до Институтот за јавно здравје препратено е 12 – годишно дете кое било суспектно на морбили и по направените анализи констатирано е дека детето е позитивно. Анализите се направени истиот ден кога е пристигнато детето, морам да потенцирам, и што е многу важно епидемиолошката анкета не е направена следниот ден туку е направена истиот ден кога се добиени позитивни резултати за детето.
Се работи за импортиран случај од Србија. Детето престојувало во подрачје во Србија, конкретно во Нови Пазар каде што веќе има појава на позитивни случаи на морбили“, извести денес директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Семејството од Долно Коњари, Андоновска вели дека има пет деца од кои две не се вакцинирани против мали сипаници и одбиваат вакцинација. Родителите и самото дете во епидемиолошката анкета кажале дека контактите биле во кругот на семејството. Институтот направил анализи на сите кои биле во контакт со заразеното дете, вклучително и на медицинските лица и се следи нивната состојба.
Првиот потврден случај на морбили во земјата година е регистрирано во јуни кај дете од Лабуништа, Струга, кое исто како и детето од Долно Коњари, не било вакцинирано.
Андоновска апелираше до матичните лекари, кога ќе имаат сомнеж за морбили, пациентите да ги препраќаат во Инфективната клиника или директно во Институтот за јавно здравје за да им бидат направени анализи.