Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и началникот кој тој го назначил, Наим Рамука, се обиделе вината за скандалот со сватовите на Гаши и нивното пропуштање на Блаце без проверка да го префрлат на вработените за тие двајца да останат чисти, објави СДСМ.
„Бидејќи СДСМ ја обзнани целата шема и директната наредба која ја дал Наим Рамука, јасно е дека овие луѓе немаат никаква одговорност. Според нашите информации, Командирот на граничниот премин Блаце, добил директно барање од Наим Рамука дека треба на шест вработени да им бидат изречени писмени опомени. Со ова, планот бил тие да поминеле без парични казни и да си ја преземеле одговорноста. Рамука го информирал Командирот дека ова мора да се заврши затоа што целата работа наводно била договорена меѓу Изет Меџити и Панче Тошковски, на високо политичко ниво“ рече Кузеска.
Таа додаде дека Командирот сепак одбил да изрече таква казна, сметајќи дека тоа е нечесно кон вработените и јасно кажал дека нема одговорност кај нив и побарал случајот да го реши Внатрешната контрола на МВР.
„Според нашите информации, во моментов случајот е во Внатрешна контрола која мака мачи како да го оправда целиот случај и очигледно се обидуваат да направат манипулација и да обвинат некој друг. Ова е МВР под водство на Тошковски почитувани граѓани. Ова е добро познатото ВМРО-МВРО и методите од времето на Гордана Јанкуловска“ рече Кузеска.
Од СДСМ исто така побараа итно, јавно и транспаретно да се објават наодите од Внатрешна контрола и одговорноста да се лоцира кај тој што ја дал командата.