Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани.
Како што е наведено во соопштението од Министерството за надворешни работи, за време на разговорот се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и продлабочување на економската соработка, регионалната и мултилатералната соработка, како и за иднината на процесот на проширување на Европската Унија и поддршката од Италијанската Република за нашата земја.
Ќе се разговара и за можностите за дополнително зајакнување и интензивирање на секторската соработка во различни области.
Тајани во Скопје ќе допатува од Црна Гора, а посетата на двете држави, како што соопшти италијанската Амбасада во Скопје, е потврда на континуираната посветеност на Италија за развој, стабилност и стремеж за европската интеграција на регионот на Западен Балкан.