Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР го расчисти случајот од 17.08.2024 на граничниот премин „Долно Блаце“ за време на обезбедување на делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши. По увид во службените материјали, анализа на видео надзорот и разговори со полициски службеници, беа утврдени повреди на работниот ред и дисциплина.
Против шест полициски службеници: Н.Р., М.С., А.Б., Б.А., Н.Б. и Б.С. ќе бидат поднесени предлози за утврдување дисциплинска одговорност согласно Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР.
Истражувањето утврди дека, за време на поминување на делегацијата преку граничниот премин, шест цивилни возила се приклучиле на делегацијата без да бидат извршени потребните контроли на патниците и возилата. Дополнително, во еден момент одредени излезни ленти биле затворени, а полициски службеници, вклучувајќи Н.Б. и Б.А., овозможиле едно возило да ја премине границата без потребната проверка.
Началникот на РЦ за ГР Север, Н.Р., и главниот инспектор, М.С., не преземале соодветни мерки за исправување на пропустите, а командирот на ПС за ГП Долно Блаце бил задолжен да ја испита ситуацијата. Поради ова, против нив ќе бидат преземени соодветни дисциплински мерки.
Во извештајот се наведува и дека раководителот на смена А.Б. не ги евидентирал патните исправи на членовите на делегацијата, што претставува сериозен пропуст во работата, додека Б.С., како одговорен за обезбедување, не бил присутен на работа и не презел мерки согласно планот за обезбедување.