За време на официјалната посета на Соединетите Американски Држави, првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити оствари работна средба со помошник-секретарот на САД за енергетски ресурси, Џефри Рос Пајат.
Меџити информира дека на оваа средба, на која бил продружуван од министерката за енергетика, рудници и минерални суровини, Сања Божиновска, се разговарало за состојбата со енергетските ресурси во земјава и долгорочните планови за инвестиции во овој витален економски сектор.
“На средбата разговаравме за енергетските ресурси во нашата земја, а посебно се фокусиравме на инвестициите што ги планираме за производство на електрична енергија од зелени извори. Една од нашите главни цели е да ја намалиме зависноста од увоз на енергија од други земји”, рече Меџити.
Првиот вицепремиер изјави дека важна точка од разговорот со помошник-секретарот за енергетика на САД било вклучувањето на Северна Македонија во Трансанадолскиот (ТАНАП) и Транс-јадранскиот гасоводот (ТАП), како план за значително намалување на увозната зависност на енергија од странство, што според него ќе придонесе за енергетска стабилност на земјата.
“Информирав и за долгорочниот план што нашата влада го составува во областа на енергетиката, за подобрување на квалитетот на воздухот и водите во државата. Посветеноста на зелената иднина останува наш приоритет” изјави вицепремиерот Меџити, по средбата со помошник секретарот Пајат, средба која ја остварил во склоп на официјалната посета на САД.