Град Скопје и ЈСП поради својата неспособност ги оставија жителите на Долно Лисиче без градски превоз, а за тоа се правдаат со некакви причини, кои да не беше трагична целата оваа ситуација, ќе ги оценевме како смешни и инфантилни.
Остро реагираме на одлуката да се укине единствената линија со број „33“ што го поврзува Долно Лисиче со останатиот дел од Аеродром, поради, како што велат во демантот до медиумите од Град Скопје, техничка неисправност на автобусот. Оттаму тврдат дека ЈСП има средства за регистрација на возилото, но тоа е исклучено од сообраќање поради неисправност.
Нас како Општина, но и граѓаните на Долно Лисиче не нè интересираат причините за прекинот на градскиот превоз до овој дел од Аеродром, и не планираме да навлегуваме во работата на Градот и на ЈСП, туку бараме веднаш да се изнајде решение и да се пушти автобус на оваа и онака ретка линија.
Ова е само уште еден во низата факти кои укажуваат дека Град Скопје е во тотален колапс, за што цената ја плаќаат сите наши граѓани.