Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во текот на утрешниот ден ќе го повика бугарскиот амбасадор во земјава, Желјаско Радуков на разговор во просториите на министерството каде од него ќе биде побарано објаснување зошто бугарскиот претседател Румен Радев ја повикал претседателката Сиљановска Давкова да се фотографираат пред бугарски знамиња, а притоа не биле поставено македонското, пишува ТВ Телма.
Од Министерството засега не откриваат дали на бугарскиот амбасадор ќе му биде врачена и протестна нота за настанот.
Вчера, од кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова изјавија дека и тие ќе побараат објаснување од бугарската страна оти како што велат иако не било предвидено да има фотографии во затворениот простор, претседателот Радев ја поканил претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен.
„Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“,велат од Вила Водно.
Опозициската СДСМ неколкупати во текот на вчерашниот и денешниот ден жестоко реагираше за како што изјавија дипломатскиот дебакл кој македонската држава го доживеала во соседна Бугарија со што се понижува македонскиот народ. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека СДСМ треба да престане да манипулира со јавноста „и да се погледне во огледало за сите предавства што ги направи на македонскиот народ“.
За СДСМ посетата на Сиљановска-Давкова на Софија е понижување на граѓаните, од ВМРО-ДПМНЕ им порачаа да се погледнат во огледало за сите предавства