Здружението на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) ќе работи на измени во Законот за локална самоуправа со цел механизам за смена на градоначалник. Преголема е моќта на градоначалниците и таа треба да се ограничи, изјави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела вода Орце Ѓорѓиевски.
– Сега е најизразен проблемот во Скопје. Утре ден може да биде изразен проблемот во која било скопска општина. Не може еден човек поради за него разбирливи причини или каква било фрустрација да држи заложници цел град, цела општина и така натаму. Градоначалниците, јас поаѓам од себе си, согласно постоечките закони за локална самоуправа, се недопирливи, се презаштитени, вели градоначалникот Ѓорѓиевски во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој потенцира дека градоначалник може да се смени само на избори и дека смета дека треба да се ограничи нивната моќ.
– Тогаш градоначалникот ќе знае дека може да почне, но нема да му заврши можеби мандатот до крајот на мандатот и логички е дека ќе размислува за нешто да реализира. Ние имаме градоначалници од минатото кои што четири години ги поминаа во хибернација мандатите, кои што ги преспаа народски кажано мандатите и нема никаква казна, казната единствена е изборите. Мора да има да се воведе механизам со кој што и порано може да дојде до одговорност. Не зборувам само за кривична одговорност, но за одговорност кај градоначалниците и на тој начин да се регулира неговото работење или неработење, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот изјави дека по големиот пожар во Расадник, како што изјавил и за медиумите, нема да се гради ништо.