Ѓорѓиевски: Преголема е моќта на градоначалниците и тоа треба да се ограничи

Здружението на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) ќе работи на измени во Законот за локална самоуправа со цел механизам за смена на градоначалник. Преголема е моќта на градоначалниците и таа треба да се ограничи, изјави претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела вода Орце Ѓорѓиевски.

– Сега е најизразен проблемот во Скопје. Утре ден може да биде изразен проблемот во која било скопска општина. Не може еден човек поради за него разбирливи причини или каква било фрустрација да држи заложници цел град, цела општина и така натаму. Градоначалниците, јас поаѓам од себе си, согласно постоечките закони за локална самоуправа, се недопирливи, се презаштитени, вели градоначалникот Ѓорѓиевски во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој потенцира дека градоначалник може да се смени само на избори и дека смета дека треба да се ограничи нивната моќ.

– Тогаш градоначалникот ќе знае дека може да почне, но нема да му заврши можеби мандатот до крајот на мандатот и логички е дека ќе размислува за нешто да реализира. Ние имаме градоначалници од минатото кои што четири години ги поминаа во хибернација мандатите, кои што ги преспаа народски кажано мандатите и нема никаква казна, казната единствена е изборите. Мора да има да се воведе механизам со кој што и порано може да дојде до одговорност. Не зборувам само за кривична одговорност, но за одговорност кај градоначалниците и на тој начин да се регулира неговото работење или неработење, реќе Ѓорѓиевски.

Градоначалникот изјави дека по големиот пожар во Расадник, како што изјавил и за медиумите, нема да се гради ништо.

– За да се гради во Расадник, треба да се донесе Детален урбанистички план (ДУП). За разлика од минатото и концептот од минатото, каде што во Расадник требаше да се изврши груба бетонизација од мојот предходник, од редовите на Социал-демократскиот сојуз, тоа е бившиот градоначалник на Кисела Вода, мојот концепт, кој што го понудив беше поинаков, граѓаните го поддржаа и тој концепт станува пракса. Почнува во пракса да се реализира, а тоа значи во првиот дел од своето ветување, јас кажав и заврши успешно објавување и избор на меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник. По завршената постапка треба допрва да се нарача изработка на ДУП, вели градоначалникот.

Имајќи ги предвид финансиите на општината, додаде тој, кога ќе бидеме во можност, ќе извршиме постапка во која што ќе биде нарачан Детален урбанистички план, но во моментов сме далеку од таа постапка.

– Согласно, повторно ќе кажам, приоритетите на реализација на проектите во перспектива може и да биде нарачен Детален урбанистички план, но и да се нарача ДУП, тоа е постапка која што не се решава преку ноќ. Тоа е постапка во која што и многу други институции се вклучуваат. Пред се граѓаните ќе бидат вклучени во јавни анкети, а тоа е нешто што недостасуваше во минатото, рече Ѓорѓиевски

Во однос на барањето на ЗЕЛС за зголемување на казните за создавачи на диви депонии вели дека инспекцијата постапува по тарифници односно глобите се премногу ниски.

-И сега, ако земете во предвид одредена градежна компанија, која што во неколку наврати ја казнуваме за истата работа, претпоставувам дека концептот нивни е, подобро ќе ризикувам да ме казни општината со 30, 40 или 50 евра, отколку да го носам отпадот во Дрисла, вели градоначалникот на Кисела Вода.

Доколку ова барање на ЗЕЛС се прифати, според Ѓеорѓиевски, ќе се влијае на причинителот на сето тоа, а не како досега да се занимаваме со последиците.

– Со казни во висина од три до пет илјади евра и со можност за одземање на возилото на сторителот, на тие 2-3% од населението кое што поради нивната несовесност страдат сите наши сограѓани, дали е тоа во Скопје, дали е било каде во било која општина низ Македонија, сметам дека сериозно ќе влијаеме да се спречи таквата појава и дека има што помалку такви појави во перспектива, вели градоначалникот.

На прашањето дали тој ќе биде следниот градоначалник на Скопје, Ѓеорѓиевски вели дека тоа зависи од повеќе фактори, но дека би бил добар градоначалник на главниот град, дека не се плаши од работа и дека може многу да придонесе за него.

-Тоа зависи од повеќе фактори. Мене приоритет во моментов ми е да ги дореализирам сите проекти кои што сум се обврзал пред моите сограѓани, да ги реализирам, а де факто најголем дел од проектите ми се реализирани, над 90% имам уште еден сет на проекти кои што не сум ги ветил, но жива материја произлегле и се реализирале. Логички е и нормално секој човек да има амбиција, особено во политиката, да сработи и остави резултати зад себе. Доколку сметаат граѓаните дека јас добро ја водам општината, секако ќе има анкети нашата политичка партија, доколку одлучат граѓаните за тоа, притоа и телата на нашата политичка партија, Централен комитет, Извршен комитет и секако претседателот на партијата, мислам дека би бил добар градоначалник на Скопје. Не се плашам од работа и сметам дека можам да придонесам многу за градот Скопје, изјави градоначалникот на Кисела.

Треба да знаете
Последни објави