На бугарскиот амбасадор денеска ќе му биде врачена протестна нота, вели премиерот Мицкоски. Смета дека реакција не е задоцнета, иако македонската делагација веднаш го забележала пропустот со македонското знаме, не изреагирале во знак на почит кон двајцата пилоти кои загинаа неколку часа претходно.
– Во минатото кога се понижуваше и распродаваше македонското достоинство, тогаш се молчеше, се виткаше кичмата и се согласуваа со тие што не понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме меѓународна политика ниту дипломатска со свиткана кичма. Тогаш кога ќе се помине рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира. Затоа што вие ако не реагирате, тој исклучок потоа ќе стане пракса, рече Мицкоски.
Наместо да го осуди понижувањето на македонската држава среде Бугарија, Мицкоски ги правда виновниците, Силјановска и неговите министри, реагира опозицијата.
– Срамно е ова однесување на Мицкоски, го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните. Па уште и ги навредува граѓаните. Мицкоски нема образ, па тој ли ќе зборува за свиткана кичма, дозволи Бугарија под да избирше со Македонија и да ни приреди национален срам среде Софија. Дилетантизам и неспособност ете тоа го покажуваат Мицоски и ВМРО-ДПМНЕ, вели Богданка Кузеска
Од МНР потегот на Бугарија го оценуваат како несоодветен и неевропски, иако македонско знаме имало на работниот ручек помеѓу двете делегации.
Извори од министерството брифираат дека на ручекот не се разговарало за македонското барање за уставни измени со одложено дејство, туку само за потребата од надминување на отворените прашања помеѓу двете земји. Сепак и двете делагации останале со непроменет став по однос на начинот на кој Македонија може да го одблокира стартот на преговорите.
Бугарија не се откажува од намерата да се почитуваат веќе преземените обврски, додека Македонија смета дека со дијалог може да се излезе од ќор сокак.
Од МНР брифираат дека и натаму ќе нудат проактивни решенија бидејќи под овие услови земјава не е подготвена да оди напред и да направи поголема штета на државните интереси.
Оттаму сметаат дека ако Европската Унија има стратешки интерес Македонија да ги стартува преговорите, решение може да се постигне, промена на заклучоците на ЕУ не е невозможно бидејќи се политички, а не правно обврзувачки.