Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1.549 повици на Единствениот број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 56 отсто, а 44 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62 отсто, кон Итната медицинска помош 33 отсто, а кон пожарникарите три отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК – информираат утрово од ЦУК.
Центарот за управување со кризи информира дека во последното деноноќие имало пријавено три интервенции врз пожари на отворено, покрај интервенциите врз пожари во урбани средини и населени места на територијата на државата.
Регионалниот ЦУК Струмица известува дека пожарот кој почнал во 14:53 часот во саботата (14.09.2024 година) меѓу селата Белотино и Рич е локализиран. Како што не известија од ТППЕ Струмица нема константно горење, туку се појавува горење на сува лисната маса, борови иглички и падната лисната маса што е со дебелина од 20 до 30 см. Направен е безбедносен противпожарен појас околу пожарот за да не се шири. Во интервенцијата учествуваа ТППЕ Струмица со тројца пожарникари и едно возило и тројца вработени во ЈП „Национални шуми“, подружница „Беласица“ од Струмица. Од утрово, повторно е извршена контрола на пожарот со цел ако има одредени точки што се уште чадат да се догаснува.
Регионалниот ЦУК Штип, пак, информира дека пожарникарите од ТППЕ Кочани вчера, од 8:54 до 9:30 часот, со двајца пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалена депонија и кабли на депонијата на месноста „Полачки Пат“ во Општина Кочани.
РЦУК Тетово информира дека пожарникарите од ТППЕ Тетово, од 15:55 до 16:25 часот, со тројца пожарникари и едно противпожарно возило интервенирале на запалено ѓубриште меѓу селата Желино и Сирично.
Регионалниот ЦУК Велес, пак, известува за добиена пријава на 112 за свлечиште на патот меѓу селата Согле и Богомила во Општина Чашка. Тоа, според пријавителот, претставува опасност за коловозот и железничката пруга.
Интервенирале екипи на ЈП „Македонија пат“ – подрачно одделение од Велес и на „Македонски железници“ – информира ЦУК. Оттаму апелираат редовно да се чистат локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.