Не е прв пат бугарската дипломатија да поставува „замки“ пред помалку искусните македонски дипломати и да прави провокации со протоколот, како онаа во Софија, на неофицијалната средба меѓу претседателот Румен Радев и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пишува Плусинфо.
Мислењата на експертите што ги консултираше Плусинфо за тоа дали на фотографирањето на двајцата претседатели во кабинетот на Радев, покрај бугарското морлао да стои и македонското знаме, се поделени. Со оглед на фактот дека посетата на македонската претседателка не била од формален карактер, домаќинот немал обврска да го истакне и македонското државно знаме, велат некои. Најмалку како знак на добрососедство и добра волја, домаќинот требало да се потруди да го постави и знамето на државата од која доаѓа гостинката, велат други.
Но, сите се едногласни во оценката дека вистинското прашање не е како размислувала Софија и кој бил мотивот на Радев да не го постави македонското знаме, туку дали во такви околности Гордана Сиљановска Давкова требало да прифати да се фотографира со Румен Радев без своето државно знаме. Одлуката за тоа требало да ја донесе таа, заедно со луѓето од нејзиниот кабинет, кои биле должни да знаат како изгледа сцената на местото на настанот пред таа да се појави и да ја предупредат.
Плусинфо дознава дека нешто слично, но не и идентично, се случило на 24 и 25 мај 2021 година, при заедничката посета на претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев на Рим, по повод Денот на словенските просветители Кирил и Методиј. Ситуацијата не е идентична, бидејќи средбата меѓу Силјановска Давкова и Радева била неофицијална, додека заедничката посета на Радев и на Пендаровски на Рим била официјално заедничко чествување на празникот.
Две недели пред настанот, Миле Бошњаковски, генералниот секретар на кабинетот на Пендаровски, ги посетил сите места предвидени за заедничко присуство на двајцата претседатели и со бугарски дипломати во ги договорил сите детали, меѓу другото и за „сценографијата“ на местата на средбите.
– Во такви околности, особено при средби и настани од официјален карактер, ништо не се остава на случајноста – објаснува Бошњаковски за Плусинфо.
Во рамките на заедничкото чествување на празникот, била предвиден и прием во Бугарската амбасада во Рим, на кој требало да присуствуваат Радев и Пендаровски. Било договорено и во таа прилика да се истакнат знамињата на двете држави. Пред приемот, Миле Бошњаковски го проверил местото на настанот и веднаш забележал дека недостасува македонското знаме. Во директна комуникација со Пендаровски, била донесена итна одлука македонскиот претседател да не присуствува на приемот, ако не биде поставено нашето државно знаме.
– Мојот впечаток беше дека самиот претседател Радев беше затекнат од ситуацијата. Дознавајќи за нашата одлука, тој се понуди самиот лично да го постави знамето. Како и да е, проблемот беше итно решен и средбата се одржа – раскажува Бошњаковски.