Метео анализа на Славчо Попоски:
Како што и претходно кажав, циклонската активност која не зафати, останува да влијае на времето кај нас се до крајот на оваа седмица, и истата ќе условува потпросечни температури за овој период од годината.
Од денес (вторник) во попладневните часови, па се до крајот на седмицава ќе има повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. Локално ќе се развиваат и конвективни грмотевични облаци, од кои се очекува појава на пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот во зоната на нестабилност. Не се исклучува можноста и за ретка појава на град.
И во Скопскиот регион од денес (вторник) попладне, па во деновите потоа ќе има појава на повремен локален дожд. Во делови од регионот тој ќе биде пороен и проследен со грмежи, како и со засилување на ветерот.
Да напоменам дека за време на оваа нова серија на врнежи, локално повторно ќе наврне позначително количество на воден талог (над 25 л/м2).
Температурите како што кажав, ќе се искачуваат во интервалот од 16 до 24 степени, додека наутро тие на многу места ќе се спуштаат и под 10 степени, понекаде дури и под 5 степени, додека на високите планински места не се исклучува можноста тие да се спуштат и до близу 0 степени, со што е можна и појава на првиот мраз за оваа сезона.
На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме “НОТАС”, и истата е од голема корист за секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/