СДСМ на прес-конференција објави дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски го ослободил од одговорност човекот од обезбедувањето на Христијан Мицкоски кој во февруари тепаше полицаец, инспектор во НТШ при спроведување на кација против дрога во кафе барот Мош во Скопје.
„Беше поведена дисциплинска комисија а лично Тошковски најавуваше и кривични пријави. Се случи спротивно. Тошковски го ослободува Бисовски. Иако Комисијата за дисципинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободува бодигардот на Мицкоски од одговорност. За блиските луѓе на Мицкоски се е дозволено, дури и да тепаат полицајци“ рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа додаде дека наспроти изјавата на Тошковски тогаш, кога рече дека припадник на МВР сторил насилство со што ја погазил честа на службите, сега го прави спротивното.
„Епа министре Тошковски вие денеска не само што го погазивте зборот, ја погазивте честа и угледот на целото МВР, на сите полицајци“ рече Кузеска.
Таа додаде дека министерот покажал дека не се грижи ниту за правдата, ниту за одговрноста, ниту пак за тепаниот полицаец кој беше нападнат пред кафе барот Мош.
„Го повикуваме Панче Тошковски да излезе пред јавноста и да одговори? Дали оваа срамна одлука е донесена под директен налог на Христијан Мицкоски? Која е вистинската причина за која е ослободен Бисовски?“ праша Кузеска.