Висока делегација на Европската Унија, предводена од претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен, во чиј состав ќе бидат и неколкумина еврокомесари, во наредните денови ќе престојува во Њујорк, каде ќе учествува во работата на 79-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, при што главен фокус на нејзиниот ангажман ќе биде ставен на справување со конфликтите и кризите ширум светот.
– ЕУ и нејзините земји членки доаѓаат на 79-та седница ГС на ОН, решени да промовираат мултилатерални решенија засновани на Повелбата на ОН и да направат тие да функционираат за доброто на сите.
Оваа година означува клучна пресвртница за ОН. Како што рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во април, „не можеме да ги решиме проблемите од 21-от век со алатки од 20-от век“.
Настанот насловен „Самитот на иднината“, кој се подготвува веќе четири години, претставува клучна можност за колективно размислување за тоа како ОН да бидат прилагодени на целта и на иднината, соопшти ЕК.
Активностите на претставниците на ЕУ во Њујорк, започнаа уште синоќа со учеството на потпретседателката на ЕК за демократија и демографија на Дубравка Шуица на Деновите за акција на Самитот на иднината за зајакнување на младите и градење отпорност, одржлив развој, меѓугенерациска правичност и демографија и за зајакнување на напорите за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата, настан кој продолжува и денеска.
Извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргрете Вестагер денеска ќе учествува на тркалезната маса на тема „Поставување на основите за дигитална иднина за сите“ и ќе има серија разговори посветени на Глобалниот дигитален договор што допрва треба да се усогласи и за неговите принципи и активности за поддршка на отворената, слободна и безбедна дигитална иднина за сите оние што ги поддржуваат човековите права и го надминуваат дигиталниот јаз.
Мишел, Високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и еврокомесарката Јута Урпилаинен во понеделник ќе ја претставуваат ЕУ на трилатерален состанок со Африканската Унија и Обединетите нации и ќе имаат билатерална средба со генералниот секретар на ОН, Гутереш.
Дополнително, истиот ден, Борел во Меѓународниот институт за мир ќе биде кодомаќин на вечера за министри за надворешни работи на која ќе се разговара за состојбата на Блискиот Исток, Урпилаинен ќе учествува на интерактивниот дијалог на Самитот на иднината насловен „Трансформирање на глобалното управување и забрзување на имплементацијата на Агендата за одржлив развој 2030 година“, додека еврокомесарката за здравство и безбедност на храната Стела Киријакидес ќе присуствува на годишниот прием на жените политички лидери насловен „Оцртување на курсот: Политиката во 21-от век“.
В понеделник, Фон дер Лајен ќе биде главен говорник на состанокот на лидерите на Асоцијацијата на малите островски држави, а Борел ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7+ посветен на енергетската инфраструктура на Украина, по што ќе претседава и со неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ на кој главни теми ќе бидат Украина и тензиите на Блискиот Исток.
Борел во вечерните часови ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7.
Шуица истиот ден ќе биде кодомаќинка на настанот на ЕУ-АУ-УНИЦЕФ насловен „Докажани решенија за деца: забрзување на напредокот на целите на одржлив развој “, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон ќе биде домаќин на придружниот настан на ЕУ „Насочување по патот напред: Менаџирање на миграцијата на глобално ниво“, додека Урпилаинен ќе претседава со Глобалниот образовен форум, на кој треба да биде потпишана Декларација за училишен оброк и ќе присуствува на ручекот на високо ниво „Жените се креваат за сите“.
Еврокомесарката за енергија Кадри Симсон в понеделник ќе учествува на Глобалниот самит за обновливите извори на енергија, на кој ќе се разговара за напредокот, можностите и предизвиците за тројно зголемување на обновливите извори на енергија на глобално ниво до 2030 година, а ќе има и воведно обраќање на Самитот за одржливост, додека еврокомесарот за климатска акција Вопке Хукстра ќе учествува на тркалезна маса организирана од Светскиот економски форум посветен за мобилизирање на бизнисот во остварувањето на глобалните климатски цели.
Мишел, Фон дер Лајен и Борел во вторник ќе присуствуваат на отворањето на сесијата на генералната дебата на 79-то Генерално собрание на ОН.
Во продолжение, Фон дер Лајен заедно со канадскиот премиер Џастин Трудо ќе копретседаваат со настанот на високо ниво „Иновирање за одржливата иднина: Работиме заедно на индустриски раст и декарбонизација“, а ќе има и воведно обраќање на Глобалниот самит за обновливи извори на енергија, на кој ќе учествува и еврокомесарката Симсон.
Истиот ден, Борел ќе се обрати пред Советот за безбедност на ОН на состанокот на високо ниво посветен на Украина и ќе учествува на вечера министрите за надворешни работи од Европа и Северна Америка, чиј домаќин е САД.
Урпилаинен во вторник ќе го отвори панелот посветен на одржливите синџири на снабдување во рамки на Самитот на лидерите на Глобалниот договор на ОН и ќе се обрати на собирот „Три години – Поддршка на правата на жените во Авганистан“, во коорганизација на ЕУ и агенцијата ОН Жени, ќе се обрати на придружниот настан „Инвестирање во иднината: Обезбедување на одржливо финансирање на сексуалното и репродуктивното здравје“ и ќе се сретне со претставници на младински организации од т.н. Голема шесторка.
Истиот ден, Киријакидес ќе говори на придружниот настан за превенција и контрола на инфекциите и антимикробното управување, Симсон ќе учествува на панел за финансирање на чистата транзиција, а Хукстра и на тркалезната маса „Пазари на јаглерод“, организиран од Глобалниот бизнис форум на Блумберг.
Борел в среда ќе биде домаќин на традиционалниот работен ручек со лидерите на шесте земји од Западниот Балкан, ќе ја претставува ЕУ на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20, чиј домаќин е бразилското претседателство со Групата, а заедно со претставници на Германија и Франција ќе биде кодомаќин на министерски состанок за Судан насловен „Обединети за мир во Судан“.
Истиот ден, еврокомесарот Хукстра ќе се обрати на состанокот на високо ниво посветен за покачувањето на нивото на морето и ќе учествува на панел на високо ниво за глобалните трошоци за солидарност и финансирање на развојот, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич заедно со претставник на Белгија ќе биде кодомаќин на настанот посветен на меѓународното хуманитарно право, како и на настанот „Една и пол година конфликт – Како да се спречи Судан да стане заборавена криза?“, што го организира ЕУ заедно со Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања (ОЦХА), Саудиска Арабија и САД.
Комесарката Киријакидес в среда ќе учествува на настан посветен на поттикнување на солидарноста меѓу земјите за решавање на антимикробната резистентност (АМР), како и на состанокот на насловен „АМР и повеќе од тоа“, а ќе присуствува на Годишниот самит за ракот на дојката и на дебата за универзалните стратегии за вакцинација против ХПВ.
Симсон, пак, истиот ден ќе ја претставува ЕУ на министерскиот консултативен состанок за Договорот за загадување од пластика.
За в четврток е предвидено обраќање на Мишел на генералната дебата на ГС на ОН, додека Борел ќе копретседава со неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на Европската Унија и на Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите (ЦЕЛАЦ), како и со министерскиот настан за посветен блискоисточниот мировен процес, кој заедно го организираа ЕУ, Арапксата лига, Саудиска Арабија, Египет и Јордан.
Тој ќе учествува и на министерските состаноци на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) и на Ад Хок Комитетот за врски (АХЛЦ), задолжен за координација на дистрибуцијата на хуманитарната помош за Палестинците.
Истиот ден, еврокомесарката Киријакидес ќе учествува на состанокот на високо ниво за антимикробната резистентност, Симсон ќе присуствува на промоцијата на Програмата за транзиција на трговијата и чистата енергија, додека еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс ќе присуствува на состанок посветен на запирање на дестабилизирачкиот проток на чувствителна технологија, организиран од Украина.
В петок Борел заедно со претставник на Египет ќе копретседава со 14-от Министерски состанок на Глобалниот форум за борба против тероризмот, а ќе се обрати и на настанот „Европските предизвици со навигацијата“, организиран од американскиот тинк-тенк Совет за надворешни односи.