Легендата на францускиот и светскиот фудбал, Мишел Платини предложи револуционерна промена. Тој иднината на фудбалот ја гледа во игра 10 на 10, а не 11 на 11.
Платини, поранешниот претседател на Европската фудбалска унија, оцени дека натпреварите би биле поатрактивни за гледачите доколку во тимот има десет играчи и дека тоа би создало повеќе простор за игра.
„Можеби треба да повлечеме еден играч и да имаме тим со десет луѓе. Со 11 играчи се игра од 1900 година, но тогаш имаше помалку трчање. Играчите не беа толку силни и играа побавно“, рече Платини.
Платини изрази жалење за досегашниот развој на фудбалот.
„Луѓето од мојата генерација повеќе не гледаат фудбал затоа што не се пронаоѓаат себе си во ваквата игра. Денес има повеќе додавања наназад отколку напред, а во посед на топката има многу додавања. Не критикувам. Но луѓе од мојата генерација кои доживеале поофанзивен фудбал, не сакаат да гледаат таква игра“, додаде славниот Платини.