Од денеска започна да се применува одлуката за ограничени трговски маржи за одредени прехранбени производи, од 28 септември започнува во пракса Законот за нефер трговски практики. Директорот на Државниот пазарен инспекторат Александар Трајковски е функционер назначен од претходната власт, а премиерот Христијан Мицкоски денеска пред медиумите рече дека ќе биде заменет, но дека нема да се брза за таква одлука, пренесува „Фактор“.
„Па да сè уште, точно е директорот од претходната Влада поставен, не брзаме во овие кадровски промени за да не бидеме под критика на јавноста дека ете партизираме и така натаму. Многу внимателно чекориме, сакаме да ги почитуваме сите закони за да немаме после тужби и илјадници би рекол милиони евра пари на народот да се слеваат во приватни џебови, затоа внимателно чекориме во овој процес, но мислам дека набргу, денеска и таа работа ќе биде завршена, ќе дојде ново раководство во Државниот пазарен инспекторат. Очекувам тоа што е договорено, тоа да биде и почитувано“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски на денешното новинарско прашање за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат.