Повеќе лица се лесно повредени во сообраќајна несреќа што се случи синоќа во 22 часот на крстосница на регионалниот пат Куманово-Свети Николе и булеварот „Трета МУБ“, соопштија денеска надлежните институции. Од кумановската општа болница информираат дека повредените по опсервација се пуштени на домашно лекување.
-Сообраќајната незгода се случила помеѓу патничко возило „форд“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.Ѓ.(21) од Куманово и возило комбе „фолксваген крафтер“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Т.(53) од Свети Николе, по што возилото „форд“ удрило во запрено патничко возило „волво“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ф.Д.(35) од Куманово. Во незгодата со телесни повреди се здобиле возачите А.Ѓ. и М.Т. и девет сопатници од возилото „крафтер“, констатирани во болницата во Куманово, информираа денеска од МВР.
Увид на местото на незгодата извршила екипа од СВР Куманово.
Од кумановската болница велат дека се примени повеќе лица со телесни повреди.
– Повредените се со лесни повреди. Само еден пациент сомнителен заради повредите компјутерски е сниман и по опсервација е пуштен дома со лесни повреди, изјави директорот на кумановската болница, Стефан Трајановски.