Регионалната работилница насловена „Ориентација и градење капацитети за зајакнување на интеграцијата на сексуалното и репродуктивното здравје во националните планови за универзална здравствена покриеност и процесите во Западен Балкан“, ќе биде денеска отворена во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, со почеток во 9:00 часот. Работилницата, која е организирана од Светска здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во партнерство со Министерство за здравство, ќе трае од 24 до 26 септември.
На неа ќе учествуваат експерти од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово* (*UNSCR 1244), Северна Македонија и Србија, а фокусот ќе биде интегрирање на сексуалното и репродуктивното здравје (СРЗ) во националните процеси на Универзалната здравствена покриеност.
– Овој настан ги обединува клучните креатори на политики, здравствените работници и граѓанските организации од целиот Западен Балкан, со цел да ги зајакне напорите за подобрување на здравствените системи во државите од регионот, велат организаторите.