„Нека му е со среќа“, вака премиерот Христијан Мицкоски, одговори на најавите на пратеникот на ВРЕДИ, Халил Снопче дека ќе ја напуштат владата доколку помине Законот за бранителите во Собрание.
Како што изјави пратеникот Снопче во Клик Плус, претседателот на Собранието, Африм Гаши има свои начини за блокирање на законот. Доколку овој закон помине, тогаш треба да помине заедно со статусот на поранешните припадници на ОНА.
„Едната гаранција е гранцијата на Претседателот на Собранието, Африм Гаши дека Законот за бранителите нема да помине. Во ред! Тој има гаранции и секако свои методи, направил свои анализи. Евентуално доколку се случи тоа другото, тогаш немаме место во Влада. Но да не заборавиме дека Законот за браниетлите има свои истории. Законот за бранителите може да помине само доколку паралелно се реши и статусот на поранешните припадници на ОНА“, вели Халил Снопче.
Но со оваа барање никако не се согласува СДСМ. Пратеничката која го предложила Законот, Славјанка Петровска вели дека овој предлог закон е само за припадниците на државните безбедносни сили, пред и по конфликтот на 2001 година.
Петровска го смета за чекор назад повикот на ВМРО-ДПМНЕ до претседателката на комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути да ја свика комисијата со точка на дневен ред за предлог законот за Бранителите.
Вели дека е подобро да се свика комисијата за прашања на имунитетот и да се дебатира дали собранискиот спикер Африм Гаши го почитувал деловникот за работа со тоа што не ја свикува комисијата како што направи со комисијата за финансиски прашања.
„Предлог законот вели дека не е ниту провокација ниту обид за дестабилизација“, порача Славјанка Петровска.
Премиерот Мицкоски и го исполни барањето на Петровска, упати апел до Гаши на прес конференција.
Инаку како што појасни денеска пратеничката Петровска, предлог законот за Бранителите е речиси ист со актуелниот, само што се проширува и со другите екс припадници на безбедносните сили, вклучително и тие кои што го загубија животот во хеликоптерската несреќа кај Катланово, Босна и Херцеговина во несреќата во која животот го загуби екс претседателот Борис Трајковски, трагедијата од 2014 со хеликоптер во Струмица како и припадниците на полицијата кои учествуваа во конфликтот кај Диво Насеље во Куманово. Петровска бара оштета да добијат сите членови на семејствата, вклучително и браќа, сестри како и наследници на починатите доколку родителите не се живи.