Важни се вредностите што ги носиме во себе, вештините кои ќе ги развиеме, знаењето што ќе го добиеме, свесноста и прифаќањето на различните, а не која е нашата родова припадност. Доколку работиме заеднички, ќе увидиме дека нашите разлики не треба да бидат причина за поделеност. Ова беа меѓу клучните пораки кои беа упатени денеска на отпочнувањето на кампањата „Во ист ритам” – за подигање на јавната свест за родовата еднаквост, која во следниот период ќе ја спроведе ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација со поддршка на Холандската амбасада во Северна Македонија.
Во своето обраќање, амбасадорката на Холандија во Северна Македонија Н.Е. Г-а Узлем Џанел, изјави дека „Холандија е убедена дека едно општество може да напредува и да се развива само кога вклучува колку што е можно повеќе различни групи. Како што велиме ние, секој придонесува со нешто единствено и посебно.”
Зборувајќи за важноста на подигањето на свеста кај пошироката јавност, Елизабета Божиноска, програмската директорка на ХЕРА истакна дека според ХБСЦ студијата за однесувањето поврзано со здравјето кај децата од училишна возраст на СЗО укажуваат на ставови и однесувања кај младите луѓе во нашата земја кои треба сите да не загрижат. „Алармантен е трендот на опаѓање на менталното здравје кај адолесцентните девојчиња, особено кај 15 годишните. Родовите нееднаквости имаат големо влијание врз општата благосостојба на децата и младите; и девојчињата и момчињата се жртви на нееднаквоста, но своето страдање го изразуваат на различен начин – родово обоен начин. Затоа е потребно, сите во ИСТ РИТАМ да го слушнеме секој глас, и со тоа да се искористи потенцијалот и поттикне секој млад човек да ја живее најдобрата верзија од себе.”
Виктор Бучковски, од ХЕРА Млади истакна дека „момчињата и девојките се врзани со стереотипите и се обидуваат да се препознаваат со нив и нив да ги следат, но повеќе од јасно е дека тоа е невозможно во глобално општество и дека не може да се следи трендот на родова доминација, мора да постои тренд на родова инспирациja и следејќи го овoј принцип имаме шанса да постигнеме родова еднаквост.”
ХЕРА како организација во своите програмски заложби значително инвестира во работата со младите затоа што тие се носители на иднината и нивниот развој не треба да зависи од предрасуди, туку од можностите што ги имаат пред себе. Кога сите млади имаат еднакви услови за учење, изразување и личен раст, тие можат да ги ослободат своите потенцијали и да придонесат кон градење на посилно и поинклузивно општество. Нивната уникатност не треба да биде причина за дискриминација, туку за почит и поттик за заеднички напредок. Затоа е важно сите да се ангажираме и да поддржиме иницијативи кои промовираат еднакви можности за младите. Нивниот глас треба да биде слушнат, нивните идеи треба да бидат прифатени и нивните права треба да бидат заштитени. Неопходно е сите млади луѓе да имаат можност да се развиваат во ист ритам, бидејќи на тој начин се создава силна основа за иднината на нашата заедница. Родовата еднаквост, прифаќањето на различностите и поддршката на младинскиот активизам не се само идеали, туку практични решенија за социјалната хармонија и економскиот просперитет. Само преку создавање на опкружување каде секој млад човек е вреднуван подеднакво, можеме да го искористиме целосниот потенцијал на нашето општество и да изградиме општество кое е праведно и инклузивно за сите.
Во таа насока и ХЕРА ја спроведува кампањата „Во ист ритам” која има за цел да ги промовира демократските вредности и процеси, да ја информира јавноста за придобивките од родово сензитивно образование кое вклучува и сексуално образование, како и политики за поддршка на родова еднаквост во земјата.
Особен фокус на кампањата се младите, и нивно поттикнување на младинско учество и младински активизам во сите демократски процеси кои се од нивен интерес. Кампањата треба да придонесе кон широка поддршка на јавноста на концептот на човекови права, родовата еднаквост, вклученост на сите категории граѓани, солидарност и поддршка на потенцијалот кој го имаат младите во земјата. Кампањата треба да придонесе и кон информираност на јавноста и широка поддршка на започнатите системски позитивни реформи и иницирање на нови младински политики.