Основачот на Викиликс Џулијан Асанж на 1 октомври ќе се појави во јавноста за прв пат по неговото ослободување од британскиот затвор. Асанж треба јавно да зборува пред Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, соопшти денеска неговата организација.
„Тоа ќе биде извонреден поттик за неговото закрепнување бидејќи (Советот на Европа) го покани Џулијан да сведочи пред Комитетот за неговиот случај и неговите пошироки импликации“, објави Стела Асанж на нејзиниот профил на „Икс“.
Асанж, кој има 53 години, се врати во Австралија во јуни оваа година, откако се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД, што доведе до договор за ослободување и стави крај на неговата 14-годишна правна одисеја во Велика Британија, пишува Ројтерс.
Неговата сопруга Стела, со која се оженил додека бил во затвор во Лондон, изјавила дека ќе му треба време да биде со своите деца, да си го врати здравјето и менталната рамнотежа по долгиот престој во заробеништво.