Еден од клучните приоритети на унгарското претседателство со Советот на ЕУ е да водиме избалансирана и кредибилна политика на проширување заснована на заслуги и да му дадеме нов импулс на процесот на интеграција на земјите од Западниот Балкан, признавајќи дека Унијата не е целосна без нивното приклучување, порача министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока.
– Очекуваме да постигнеме видлив напредок во пристапувањето на овие земји кандидати во ЕУ, продлабочувајќи ја соработката преку претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан и Европската политичка заедница, додаде Бока по завршувањето на вчерашното заседание на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК).
Главна тема на состанок на ГАК, на кој учествуваше и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, беше Извештајот на Европската комисија за владеење на правото за 2024 година, со кој годинава покрај земјите членки на ЕУ, првпат беа опфатени и четирите држави од Западниот Балкан вклучени во пристапниот процес – Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора.
– Владеењето на правото има централна улога во процесот на проширување како основен услов за членство во ЕУ. Оваа година, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како најнапредни земји кандидати во процесот на пристапување и во однос на нивото на подготвеност за владеење на правото, за првпат беа вклучени во извештајот на Комисијата за владеење на правото, се наведува во соопштението од заседанието на ГАК.
Актуелното унгарско претседателство со Советот на ЕУ ги претстави и приоритетите на своето претседавање, кои вклучуваат подготовка на нов европски договор за конкурентност, зајакнување на европската одбранбена политика, водење конзистентна политика на проширување заснована на заслуги, спречување на илегалната миграција, обликување на иднината на кохезивната политика, изработка на земјоделска политика на ЕУ насочена кон земјоделците и справување со демографските предизвици.