Потегот на Брисел за одвојување на Република Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, ја засили антиевропската реторика кај премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска кажа дека ЕУ се изживувала врз Македонија и дека лично тој нема да прифаќал диктати.
„За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш тоа го реков и во Брисел – не, благодарам. Тоа не се европските вредности во кои мојата генерација се вљуби, а тоа се оние вредности, кои ги дефинирале Аденауер, Дегаспери и Шуман и затоа ја споделив идејата, ајде да разговараме, немојте со диктат, не нѐ условувајте со диктат. Јас сакам да разговараме колку е потребно да најдеме решение, очигледно сега немаме решение“ посочи тој.
Мицкоски ѝ посака среќа на Албанија, која за разлика од Македонија ќе го продолжи процесот на преговори за полноправно членство во ЕУ.
„Им порачувам на соседите брзо да го завршат преговарачкиот процес и може некогаш нашите патишта пак ќе се состават. Им посакувам на сите што почнале преговори, брзо да станат членки – тоа е добро за самиот Балкан“ рече денеска премиерот Мицкоски.