Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок ги повика Обединетите нации да изберат жена за генерален секретар по речиси 80 години машко лидерство.
Жените сочинуваат 50 отсто од секоја земја, рече Баербок на Генералното собрание на ОН во Њујорк, „но за 80 години оваа организација никогаш немала генерален секретар жена“. „Значи, ако оваа организација повикува на еднаквост и правда во светот, крајно време е да го покажеме тоа овде во Њујорк“, додаде таа.
„Следниот генерален секретар на оваа организација мора да биде жена“, посочи таа. Досега, светската организација беше предводена од девет генерални секретари, сите мажи, вклучувајќи го и актуелниот лидер Антонио Гутереш.
Гутереш, чиј втор мандат завршува во 2026 година, ја изрази својата поддршка за жена наследник. Во круговите на ОН, изборот на личност од Глобалниот југ се смета за веројатен, а како потенцијален кандидат се појавува премиерката на Барбадос, Миа Мотли.