Двајца малолетници на возраст од 14 и 13 години од Штип живеат во вонбрачна заедница. За случајот потврдуваат и од основното училиште и од Општина Штип.
Ерол Адемов референт за заедниците во Општина Штип вели дека со родителите на малолетниците е извршен разговор. Забележува дека во последните години ваквите случаи се реткост.
-Разговаравме со родителите и од двете страни. Децата ќе продолжат со нивното образование, вели Адемов.
Тој посочува дека согласно Кривичниот законик, детските бракови се забранети и брачната заедница не може да се официјализира доколку немаат 16 години.
Со донесувањето на законските измени, брак може да се склучи само доколку и двајцата партнери се минимум 16 години и имат согласност од родителите.
Адемов истакна дека ова придонесува за намалување на бројот на малолетнички бракови во последните неколку години.
-Значително е намален овој број. Имаме издвоени случаи каде што имаме склучување на малолетнички бракови. Но, тоа најчесто ни се случува каде што овие лица иако се на малолетна возраст веќе имаат и деца, вели Адемов.
Според податоците на Државниот завод за статистика лани биле склучени 112 бракови, меѓу брачни другари кои не наполниле 20 години.