Ѓубре на сите страни, искршени табли и столици, валкани прозорци и дупки по плафонот, ова со години е секојдневна слика на Железничката станица во Скопје.
Некогаш модерен објект и репрезент на градот Скопје, а денес одлична сценографија за снимање на хорор филмови.
Првата глетка кога ќе влезете во станицата е пустош, Наместо врвулица од патници во целиот објект едвај да има неколку лица кои се вработени во станицата.
Пусти се и екраните кои информираат за возниот ред, кој пак е и повеќе од сиромашен. Одвај неколку возови во текот на денот возат до Велес, Битола и Гевгелија.
Иако во склоп на објектот се наоѓа и меѓуградската автобуска станица, неколку комерцијални објекти, зградата на железничката станица буквално се распаѓа.
Плочките и ѕидовите не се исчистени којзнае од кога, на делови во зградата се чувствува мирис на фекалии и отпад, а ескалаторите одамна не се во функција.
Македонија железнички изолирана држава
Веќе неколку години македонските патнички возови возат само во границите на државата и тоа само до неколку градови.
Некогашните релации како Скопје – Кичево и Скопје – Кочани се укинати поради неисплатливост, а најкористена релација е Скопје – Велес иако од година в година се помалку луѓе се возат и со тој воз затоа што често пати возовите доцнат или се расипуваат, па за релација од 50ина километри некогаш се патува и со часови.
Токму лошата состојба на возовите, но и на пругите, направија од Македонија железнички изолирана држава.
Со години не сообраќат возови до Белград и Приштина, како и на линијата Скопје – Солун.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во својата предизборна програма ветуваше рехабилитација на железничката инфраструктура, воведување на нови модерни возови, но и враќање на меѓунардоните патнички линии.
Пред неколку недели пак, министерот за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека се размислува за воведување на градски железнички превоз низ Скопје.