Кисела Вода го субвенционира дневниот оброк на социјално загрозените деца од училиштата и престојот во градинките

Општина Кисела Вода повторно го субвенционира дневниот оброк на социјално загрозените деца од училиштата и престојот во градинките од овој дел на градот.

Од денес е распишан јавниот повик во кој се дефинирани критериумите за аплицирање од страна на социјално ранливите семејства кои имаат дете во продолжен престој во основните училишта или градинките на подрачје на општината и користат топол оброк за време на престојот. Согласно Правилникот за субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во училиштата, Општина Кисела Вода ќе субвенционира средства во висина од 50%, но не повеќе од 80% од предвидената сума за периодот додека трае учебната година. Ослободувањето од партиципација за децата кои ги исполнуват критериумите и посетуваат јавна детска градинка ќе биде целосно.

-Продолжуваме со мерките за создавање еднакви можности за сите деца, без разлика на нивиот социјален и финансиски статус. Од денес отворивме јавен повик преку кој ќе ги субвенционираме месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки. Оваа мерка ги опфаќа децата од еднородителски семејства, самохрани родители, деца сместени во згрижувачки семејства и деца под старателство, деца од семејства корисници на гарантирана минимална помош, како и за други социјално-ранливи категории. Воспитно-образовните установи се места каде што нашите најмлади треба да се социјализираат, дружат и обрзовно да се надградуваат и не смееме да дозволиме на било кое дете да му биде ускратено правото на оброк или други основни потреби само заради финансиските неприлики дома. Оттука, покрај оваа излеговме и со сет од други мерки кои значат финансиско олеснување за родителите- бесплатни ранчиња за сите првачиња, бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта, бесплатни часови по странски јазици, информатика и спорт, а во текот на учебната година оваа листа ќе биде дополнета и со мноу други мерки-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Повикот е отворен од денес, 30.09.2024 и трае пет работни дена. Сите дополнителни информации, критриумите и потребната документација се достапи на веб страната на општина Кисела Вода на следните линкови:

https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2024/09/obrok.pdf

https://opstinakiselavoda.gov.mk/wp-content/uploads/2024/09/obrokgrad.pdf

Треба да знаете
Последни објави