На 30-ти септември секоја година православните христијани го слават празникот, којшто во народот е познат како „Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија“.
Овие четири маченички живееле и пострадале во Рим во времето на царот Адријан.
Мајка им Софија (чиешто име на грчки означува „мудрост“), откако останала вдовица, ги учела своите ќерки на верата христова.
Во времето кога пострадале, Вера имала 12, Надеж 10, а Љубов 9 години.
Царот ги принудувал мајката и ќерките да принесат жртви во храмот на божицата Артемида, но тие останале истрајни во верата и ги трпеле маките на кои ги ставил царот: биле тепани, сечени, фрлани во оган и во врела смола, па на крај една по една биле убиени со меч.
denes-e-vera-nadezh-i-ljubov-shto-treba-da-napravat-site-shto-imaat-kjerki-03.jpg
Мајка им Софија, ги зела тeлата на своите ќерки, ги однела надвор од градот и чесно ги погребала.
Три дена и три ноќи останала на нивниот гроб и му се молела на Бога, па така починала, воздигнувајќи се во Рајот, кaде што ја чекале душите на нејзините блажени ќерки.
На денешен ден именден празнуваат оние што ги носат имињата: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба (и сите други што се изведени од споменатите имиња).
Празникот е посветен на жените и нивните деца, особено на оние што имаат ќерки.
Во чест на светите маченички во македонските храмови денес има света литургија, а според традиционалните верувања, тие што имаат ќерки денес треба да ги израдуваат со некој (скромен) подарок и да им покажат колку ги сакаат.