Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на свеченоста по повод почетокот на новата академска 2024-2025 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Во своето обраќање на првиот академски час, пред бруцошите од сите факултети при Универзитетот, претседателката Сиљановска Давкова нагласи дека образовниот процес е сократов процес во кој студентите и професорите учат едни од други.
„Секогаш сум мислела дека Универзитетот е вистинско место за бунтовни луѓе и дека ние треба да ја поттикнуваме таа бунтовност. Не мислам на бунтовност врзана за војни, мислам на бунтовност во знаењето, мислам за прашања, за вулкан од прашања, мислам за потрага по одговори, мислам за потрага по знаење. Ако не го качиме процентот за истражување и за образование, тогаш и себе и вас ве ограничуваме”, истакна претседателката Сиљановска Давкова.
Како универзитетска професорка, претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство што пред себе гледа амбициозни млади луѓе жедни за знаење, наука и за промени.
„Инвестицијата во образованието и во знаењето е најдобрата инвестиција, знаењето ќе ве направи не само компетитивни, знаењето ќе ве направи подобри, посмирени, потолерантни, поумерени, со разбирање за сите други”, рече претседателката.
Претседателката Сиљановска Давкова во своето обраќање се осврна и на автономијата на Универзитетот, како клучен предуслов што гарантира вистински натпревар и негување на критичен ум.
„Кога зборувам за автономијата не мислам само на автономија во организацијата, не мислам само на автономија на програмите, мислам и на финансиска автономија, оти кога ги гледам овде колешките и колегите знам дека вложувањето во нив е вистинското вложување”, порача претседателката Сиљановска Давкова.