Портпаролот на Израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари, изјави дека во моментов нема дополнителни закани од Иран кон Израел, што укажува дека ракетниот напад е завршен, пренесува „Тајмс оф Израел“. Израелските граѓани беа известени дека по еден час можат да ги напуштат засолништата.
„За време на одбраната извршивме неколку пресретнувања. Има одредени удари во центарот и јужните области на земјата. Во оваа фаза сè уште вршиме проценка на штетите, но нема информации за евентуални жртви,“ изјави Хагари.
Според Би-Би-Си, ако Иран не планира дополнителни лансирања, вечерашниот ракетен напад врз Израел е завршен. Воздушниот простор над Израел повторно е отворен.
Израелската армија соопшти дека околу 200 балистички ракети биле лансирани од Иран кон Израел. Во исто време, во Тел Авив се случи и терористички напад во трговски центар. Израелските власти најавија одмазда за вечерашните напади.