Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска учествуваше на тркалезната маса посветена на културните и креативните сектори, а во рамките на министерската средба посветена на управувачките платформи на Западен Балкан за образование и обука, истражување и иновации и култура.
Министрите за култура од Западен Балкан дискутираа за предизвиците и иницијативите поврзани со: заштитата и промоцијата на материјалното и нематеријалното културно наследство како ресурс за инклузивен, економски и одржлив развој, потребата за градење капацитети и професионални вештини во оваа област, особено во однос на управувањето со ризикот во време на климатски промени.
Културното наследство и неговото ставање во функција на одржлив економски и социјален развој, според Љутков, отвора низа можности за соработка и размена на знаења и искуства меѓу Западен Балкан и Европската Унија.
– Земјите од Западен Балкан, со поддршка од меѓународните организации, веќе соработуваат во областа на заштитата на културното наследство, а кај нас добар пример на автентична конзервација и презентација на културното и природното наследство и остварување на економско-социјалниот потенцијал претставува Музејот на вода во Заливот на коските на Охридското Езеро – рече Љутков.
– Климатските промени на глобално ниво, пак – додаде тој – се сериозни предизвици кои наметнуваат нови пристапи за заштита на културното наследство. Во тој контекст, како што рече, новите стратегиски документи за културно наследство го опфаќаат и делот за влијанието на климатските промени врз археолошките локалитети и сите други заштитени објекти и културни целини.
Министрите за култура разменија информации и искуства и за успешните иницијативи поврзани со регионалната соработка и мобилност на уметниците и културните професионалци, а воедно ги изнесоа и своите предлози за регионална и европска соработка.
Како предуслов за поширока соработка на уметниците во регионот, вклучувајќи ја и нивната мобилност, беше посочена поголемата афирмација и користење на поволностите што произлегуваат од потпишувањето на билатералните договори. Во тој контекст, беше потенцирано и значењето на програмата „Креативна Европа” и нејзините иницијативи и акции „Ај-портунус”, „Културата ја движи Европа” и „Изведбена Европа”, но и на европските мрежи кои подетално ги третираат прашањата поврзани со мобилноста.
Во однос на мобилноста на уметниците, Љутков ја потенцираше и важноста од прогласувањето на Скопје за европска престолнина на културата за 2028 година.
– Свесни сме дека сите ние во нашата држава имаме исклучителна одговорност во реализацијата на активностите што ќе следуваат, а со цел да го претставиме Скопје во европско светло. Активностите во овој процес несомнено ќе ги стимулираат и ќе ги поддржат мобилноста на уметниците и размената на знаења и искуства на културните професионалци, но и на професионалците од сродните релевантни сектори со нивните колеги од регионот, Европа и пошироко – рече министерот.
Според Љутков, Министерската конференција е уште една потврда дека регионот на Западен Балкан и евроинтегративните процеси се високо во агендите на актуелните и на идните политики на Европската Унија.