Фудбалерот на Атлетико Мадрид, Робин Ле Норман заработи повреда на мозокот од удар што го доби на натпреварот против Реал Мадрид, соопштија од клубот.
„Робин Ле Норман доживеа тежок удар во главата во последните минути од дербито во Мадрид, беа извршени низа тестови и проценки од страна на специјалисти и тие утврдија дека има трауматска повреда на мозокот“, се вели во соопштението на Атлетико Мадрид.
Во соопштението за медиумите се наведува дека опоравувањето на шпанскиот дефанзивец и неговото враќање во тимот ќе се изврши според насоките од предвидениот протокол за ваков тип на повреда.
Ле Норман (27) летово дојде во Атлетико Мадрид од Реал Сосиедад, откако со репрезентацијата на Шпанија го освои Европското првенство во Германија.