Во организација на Центарот за глобални промени, истражувачка единица на Филозофскиот факултет (УКИМ), денеска и утре во Скопје ќе се одржува меѓународната научна конференција насловена „Кооперативен мултиполарен систем: во потрага по нов светски поредок“.
Како помагач во организацијата, како што соопшти Центарот за глобални промени – Филозофски факултет, учествувала Матица на иселениците од Македонија.
На конференцијата најавено е присуство на научни истражувачи од разни делови на светот, како проф. Радика Десаи од Канада, проф. Ричард Саква од Обединетото Кралство, д-р Јан Оберг од Транснационалната фондација за истражување на мирот и иднината од Шведска и проф. Џанг Веивеи од Кина.
Тематските панели, како што е најавено од Центарот за глобални промени, ќе опфатат широк спектар на најургентни и најсериозни проблеми од областа на меѓународната безбедност, геополитиката и геоекономијата.